ВАЛЕНТИНА УЗУНОВА УЧЕСНИК НА ЗИМСКИ НОЌЕН ПОЛУМАРАТОН 2020 ВО БЕЛГРАД

Четврток, 13 Февруари 2020 

Валентина Узунова учесник на Зимски ноќен полумаратон 2020 во Белград

Викендов во Белград се одржа „Зимски ноќен полумаратон“ на кој учество зеде и наша сограѓанка од југот, богданчанката Валентина Узунова. На истиот настапија повеќе од 800 спортисти-тркачи од цела поранешна Југославија, меѓу кои и четворица македонци. Боите на југот со знакот на болните од Пулмонална хипертензија ги истрача и Валентина во категоријата жени и пристигна на целта како 59-та по резултат, а генерално 336-то место. Таа беше единствен женски тркач од Македонија.

Валентина е задоволна од својот резултат бидејќи поважна и’ е пораката која ја носи со секое учество на тркачките настани ширум државата и надвор на меѓународни тркачки тури. За своите спортски почетоци Валентина вели:

– „Почнав да трчам во 2001 години поради здравствени проблеми. Станував секое сабајле во 4 часот пред да одам на работа и трчав од 7-10 км. Тогаш трчањето ми беше рекреација додека не ја сретнав Ѓургица на „Скопскиот маратон 2018“. Тоа беше првиот пат кога трчав со блуза на која го има логото за болните од пулмонална хипертензија и се запознав и со други заболени од оваа болест. Воопшто немаат помош од државата, а лековите се многу скапи. Ѓургица е претставник на здружението “Момент Плус” и е голем борец и им дава и голема поддршка на болните од оваа болест. Тоа е причината поради која постојано ја означувам на моите објави за трките и секоја моја трка е посветена на нив со надеж дека ќе станат видливи за надлежните институции, нивните лекови да ги стават на позитивната листа бидејќи секој има право на живот. Сето ова што го имам постигнато е благодарение на Ѓургица со уште поголема мотивација да учествувам на трки во и вон нашата држава“ изјави за „GevgelijaNET“ Узунова.

Следејќи ја својата спортска пасија, која последниве две години ја посветува на хуманоста, Валентина вели дека досега има учествувано на повеќе од 40 трки од кои – полумаратони, маратони, а во најголем дел трките се планински. Последната трка беше во Белград (Зимски ноќен полумаратон) кој се одржа на 8 февруари. Трошоците за учество вели дека 90% се на нејзин терет, во два наврати за учество на две изминати трки и’ помогнала со средства Општина Богданци. „И од освоените места, на генерално ниво има парична награда. Нив ги вложувам во трките“, вели Валентина.

Нејзина препорака до граѓаните е повеќе да се занимаваат со спорт бидејќи спортот е здравје, дружба, мотивација.

Валентина е жена од нашето секојдневие. Од Богданци е, а работи во фирмата „Мателен“ Гевгелија, како книговодител. Работното темпо и спортскиот живот успеа да ги усогласи, а мотивацијата да ја подгрее со мислата дека помага на други, на лицата забоени од пулмонална хипертензија за нивен лек и живот без борба за здив. Посветен спортист хуманитарец, кој наместо медалите ги брои поздравите за поддршка од болните на кои им ги посветува своите трки и нивните семејства кои живеат со мислата како да се набави потребниот лек за овој месец, за следниот.

Успешни тркачки стартувања, истрчани патеки, нови достигнувања за Валентина посакуваме и остварена спортско-хуманитарна мисија.

Текстот е превземен https://gevgelijanet.com/index.php/2014-01-09-21-20-23/2014-01-14-19-28-17/%D0%BB%D0%BE%D0%BA%D0%B0%D0%BB%D0%B5%D0%BD/4772-valentina-uzunova-ucesnik-na-zimski-noken-polumaraton-2020.html?fbclid=IwAR2zeuy6KFRflrt1KI-ccsVV65CSGo9LsgD9aOTSKBDe6Ib7o2QSDoifURI

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *